Кошаркарите на МЗТ Скопје ја продолжија серијата очајни игри во АБА-лигата, губејќи на гостувањето против Будуќност со убедливи 104-62. „Металците“ настапија со преполовен состав, без плејмејкерите Нешовиќ и Крофорд (немаат право за настап во АБА), како и повредените Симоновски и Мајсторовиќ, па со еден така сериозно ослабен ростер убедливиот пораз во Подгорица беше неизбежен.
Будуќност го отвори мечот со експресно водство од 5-0, а веќе во 6. минута црногорскиот првак стигна и до првата двоцифрена позитива (16-4). „Металците“ се консолидираа и кон средината на втората четвртина намалија на 30-24, но потоа следеше фуриозна завршница на црногорскиот состав, кој на одмор замина со убедливи 20 поени разлика (53-33). Сосема очекувано, краткиот ростер на македонскиот претставник придонесе негативата во второто полувреме уште повеќе да се зголеми, а вредно за одбележување е што МЗТ Скопје во еден момент имаше пет македонски кошаркари на терен (Трајковски, Стојановски, Маслинко, Настовски и Пенов). На крајот, мечот заврши со конечни 104-62, седумнаесетти пораз за МЗТ во 20. меч од АБА-лигата сезонава.
Лалиќ со 17 и Спасојевиќ со 14 поени беа единствените со двоцифрен ефект во редовите на „металците“, каде Трајковски и Соколов постигнаа по седум поени.
Следен предизвик за „металците“ е завршниот турнир од Купот на Македонија што наредниот викенд ќе се одржи во Кавадарци, каде МЗТ ќе се обиде да го поправи ланскиот „кикс“, кога беше елиминиран во полуфиналето од Фени индустри, па трофејот заврши во рацете на кошаркарите на Карпош соколи.
Во следното коло од АБА-лигата македонскиот првак на 3 март ќе го пречека хрватскиот шампион Цедевита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА