Се е подготвено за стартот на завршниот турнир од Купот на Македонија што претстојниот викенд ќе се одржи во Кавадарци.
Денешната прес-конференција почна со предавање на пехарот во трајна сопственост на тимот на Карпош соколи, клубот кој лани стигна до големиот трофеј. „Соколите“ годинава за противник во четвртфиналето в петок ќе го имаат Работнички, екипата што важи за главен фаворит за трофејот.
„Би сакал да им посакам на сите екипи добра игра, да има што повеќе публика и квалитетни кошаркари. Почнуваме со Карпош соколи, ривал што без оглед на фактот дека настапува со подмладен состав нема да го потцениме. Наша цел е да играме најдобро што знаеме и на крајот да се радуваме на трофејот“ – изјави Перо Блажевски, тренерот кој му е асистент на Марин Докузовски во стручниот штаб на Работнички.
Блокотехна како второпласиран тим во моментов за ривал ќе го има тимот на Охрид.
„Ние како дебитанти ќе дадеме една свежина на претстојниот Куп. Резултатски за нас и самото присуство е голема чест, се надевам дека ќе имаме можност да се израдуваме најмалку на една победа“ – изјави тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски.
Охриѓани најавија борба за изненадување, но и потсетија дека треба да им се даде шанса и на помалите клубови да се борат за место во завршницата од Купот на Македонија.
„Ние ќе сториме се за да приредиме изненадување, имаме и мали проблеми со повредите, Блокотехна е фаворит, но ние нема да се предадеме. Исто така, би сакал да потсетам дека лани беше полн погодок екипата на Гостивар како второлигаш да стигне до завршниот турнир, тие нивни дуели со Вардар собраа повеќе публика отколку завршните средби. Годинава тоа не е случај, но се надевам дека во иднина повторно второлигашките екипи преку квалификации ќе имаат можност да се борат за место во ова натпреварување што треба да е најмасовно“ – порачаа од таборот на Охрид.
Најнеизвесен четвртфинален дуел ќе биде оној меѓу Гостивар и Куманово, закажан за 20.30 часот.
„Да не се повторуваме сите тренери, сите имаме исти желби бидејќи се работи за специфично натпреварување. Јас се надевам пред се на добра игра на нашата екипа и на добар резултат. Посакувам спортот да победи, нека биде празник на кошарката… што се однесува до Куманово, секое коло што ќе го минеме за нас е успех“ – изјави тренерот на Куманово, Александар Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА