Женската кошаркарска репрезентација на Македонија претрпе уште еден убедлив пораз во квалификациите за Евробаскет, овојпат на гостувањето против Италија со резултат 93-33. И доколку на првите две средби со Италија дома и Шведска на гостински терен нашите кошаркарки во долги периоди беа достоен ривал за фаворитите, февруарските квалификации се покажуваат како вистинско фијаско, откако на убедливиот пораз од Хрватска избраничките на Марјан Лазовски се надоврзаа со уште послаба игра на вечерашната пресметка со „аѕурите“.
Од самиот почеток стана јасно како ќе се одвиваат работите, откако Италијанките тотално доминираа на теренот уште од првата минута. На половина од стартната четвртина резултатот гласеше 15-0, а Македонија првите поени ги постигна на истекот од осмата минута, кога Лазаревска погоди за намалување на 21-2. Овој дел од мечот заврши со 25-4, a разликата потоа се зголемуваше како што одминуваше времето, па овој дуел на крајот заврши со огромни 60 поени разлика.
Ниту една македонска репрезентативка не стигна до двоцифрен ефект, а најефикасна беше Митрашиновиќ со девет поени, пред Кметовска, Лазареска, Тантуровска и Парис со по четири поени.
До крајот на овие квалификации македонската репрезентација треба да одигра уште два натпревари, на домашен терен со Шведска и на гостувањето во Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА