Чеферин, Ѓорѓиоски и Анѓушев го отворија новиот објект на ФФМ: Голем чекор за македонскиот фудбал!

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин заедно со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев и официјално го пуштија во употреба новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – новите сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции.

„Ако ве дефинираат по делата а не по зборовите тоа значи дека сте успеале. Пред три години кога влеговме во проектот за подобруваење на условите за Академијата на ФФМ сакавме да го исполниме токму ова, да добиеме заокружен комплекс на центарот ‘Петар Милошевски’. Ова е за нашата фудбалска иднина. Благодариме на ФИФА и на УЕФА за помошта и верувам дека ќе продолжиме заеднички со исти чекори за развој на македонската фудбалска игра“ – истакна првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски на отворањето на објектото на ФФМ.

Александар Чеферин ги потенцираше заложбите на ФФМ за македонскиот фудбал да зачекори на вистинскиот пат, па по УЕФА Суперкупот сега прави уште еден чекор кој е од огромно значење за фудбалот во земјава.

„Големо задоволство ми е што сум во Македонија на еден ваков настан затоа што ФФМ секогаш инвестира во прогресот на фудбалот во земјата. По хет-трик програмата која помогна за реновирање на дел од стадионите, како и одличната организација на Суперкупот на УЕФА сега направен е уште еден чекор напред, услови одлични за младинскиот фудбал. Сместувачките капацитети за Академијата се круна на досегашната работа. Резултатите се очигледни за младите национални селекции кои се пласираа во елитните квалификации. Овие инвестиции секако ќе донесат нови успеси за македонскиот фудбал“ – рече Чеферин.

Потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев кој долги години е добро познат во македонските фудбалски кругови како голем спортски инвеститор нагласи дека овој нов објект без сомнение е од огромно значење за нашите најмлади таленти кои во иднина треба да го понесат товарот на фудбалската игра

„Секоја инвестиција во Македонија е значајна и добредојдена а фудбалот во Македонија сега има еден нов капитален објект кој треба да ни донесе многу подобри резултати во иднина. Во политиката и во спортот рефлекторите се вперени во вас, затоа мора сите заедно да работиме за унапредување на фудбалот. Треба да се донесат важни одлуки и да се изградат важни инфраструктурни објекти. На младите фудбалери им посакувам многу убави моменти во новиот објект на ФФМ“ – истакна Анѓушев.

Се вчитува...