Вардар чекори сигурно на патот кон директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, што им следува само на победниците од групите А и Б во елитното европско натпреварување. Загреб им направи џиновска услуга на „црвено-црните“ со победата над Нант, па сега на „вардарци“ им се доволни две победи во преостанатите три кола, на домашен терен над Пик Сегед и Висла, за да го осигураат пласманот меѓу најдобрите осум тима во Европа.
Токму затоа денешниот дуел со Пик Сегед (СЦ „Јане Сандански“, 17 часот) е од огромно значење, меѓу другото и за враќање на самодовербата, по минатонеделниот пораз во Барселона, прв за Вардар во оваа натпреварувачка сезона.
Раул Гонзалес, кој за оваа средба нема да може да смета на услугите на Иван Чупиќ, e свесен дека противникот не е нималку наивен, откако со него Вардар веќе ремизираше на првиот меч одигран во Унгарија.
„Многупати сме играле против овој тим. Знаеме многу за нив, но и тие знаат како играме. Ситуацијата е добра за нас, се наоѓаме на прво место. Имаме квалитетен противник, но мораме да дадаме сè од себе и треба да победиме. Противникот игра добра одбрана, но ние играме пред своите гледачи и целта е иста како и секогаш, да стигнеме до триумф“ – изјави Гонзалес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА