Во тежок и неизвесен натпревар, ракометарите на Вардар славеа против ПИК Сегед со 34-30 и со деветата победа се зацврстуваат на лидерската позиција во А групата и се чекор поблиску до директниот пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
ПИК Сегед предводен од шпанскиот стратег Хуан Пастор уште еднаш потврди дека му „лежи“ играта на актуелниот европски шампион, но овој пат заминува со празни раце. Првиот дуел во Сегед заврши нерешно (26-26), а унгарскиот вицешампоион беше незгоден ривал за Вардар и на денешниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ иако во Скопје допатува без неколку повредени играчи (Балок, Габер, Горбок…).
По ефикасниот старт и водството на вардарци од 3-1, гостите одговорија со исто темпо и со три гола во серија во петтата минута го презедоа приматот со 3-4. Брзата и ефикасна игра на двете страни донесе серија голови и неколку изедначувања во првата четвртина од натпреварот и промена на водството со минимална гол предност. Сето тоа дополнето со ефектни одбрани на Арпад Штербик на едниот и на Хозе Мануел Сиера на другиот гол, го држеше натпреварот во егал.
Вардар неколкупати беше во позиција да се одлепи со поголема предност, но не ја искористи шансата. На пет минути опред крај на првит дел, Лука Циндриќ од седмерец шутираше над голот, а во следниот напад ПИК сегед казни со погодок за 13-13. Раул Гонзалес се обидуваше со неколку ротации и со промена во одбраната, да го најде вистинскиот одговор за играта на унгарскиот тим и за тактиката на Хуан Карлос Пастор. Конечно во завршницата на првиот дел, Данил Шикарев погоди за водство на Вардар со 16-14, резултат со кој двете екипи заминаа на пауза.
На стартот од второто полувреме, вардарци прв пат дојдоа до водство од +3 поведувајќи со 17-14, а набрзо потоа и со 18-15. Офанзивата на „црвено-црните“ продолжи и во наредните минути кога Тимур Дибиров од контра го постигна шестиот погодок за дотогаш највисока предност од 19-15. Вардар успае да се одлепи уште по првите пет минути во вториот дел и потоа многу помирно ја градеше играта и ја одржуваше позитивата. Водството на домаќините од 21-16 во 38.минута го натера Пастор да реагира со тајм-аут и да бара начин да ја прекине ефикасната серија на вардарци. Советите на шпанскиот стратег донесоа резултат , ПИК Сегед во продолжение постигна три, а прими само еден гол и одново беше во игра откако Јонас Калман намали на 22-20. Тука, со минута одмор реагираше Раул Гонзалес, а Вардар потоа постигна два гола во серија и повторно се врати на безбедна дистанца. Но, тоа не значеше и решен натпревар со противник како ПИК Сегед. Унгарскиор тим на стартот од последната четвртина повторно беше на минимална разлика (25-24) и со шанса за ново изедначување. За среќа на Вардар, на висина на задачата беше Страхиња Милиќ кој во вториот дел го замени Штербик на голот. Притисокот на гостинскиот тим и неизвесноста во „Јане Сандански“ продолжи и во завршните десет минути од натпреварот во кои „црвено-црните“ влегоа со гол предност (27-26), но и со играч повеќе на терен. Тибиров беше незадржлив за одбраната на противникот и го одржуваше Вардар во позитива во решавачката последна четвртина. А, својот придионес во вистински момент имаше и Милиќ на голот спречувајќи два напади на ПИК Сегед за ново изедначување на пет минути пред крај при водство на вардарци со 30-29. Натпреварот беше решен во последните три минути кога Вардар постигна три гола во серија, два на празната мрежа на ПИК Сегед и поведе со 33-29, ги казни грешките на ПИК СЕгед и ја обезбеди деветата победа во Лигата на шампионите.
Тимур Дибиров со 11 гола беше прв стрелец во триумфот на Вардар, Лука Циндриќ постигна шест, Данил Шишкарев пет, а Хорхе Македа и Игор Карачиќ завршија со по три гола. Кај ПИК Сегед најефикасен беше Иван Сршен со шест гола, а добра партија на голот имаше Хозе Мануел Сиера со 13 одбрани.
Во следното, претпоследно коло од групната фаза, Вардар на 25 февруари му гостува на Нант. Ова ќе биде дерби на врвот и решавачкиот дуел во борбата за првото место во групата А кое носи директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА