Женската кошаркарска екипа на Вардар го одбрани трофејот во Купот на Македонија, убедливо совладувајќи го тимот на Бадел со резултат од 72-50. Вардарки уште од првите минути го контролираа мечот и во ниту еден момент не го доведоа во прашање победникот на оваа средба.
„Црвено-црните“ одлично го отворија мечот, со цврста одбрана и сигурни поени забележија серија од 10-2. Бадел се соочуваше со големи проблеми при нападите, првите поени ги реализираа по три минути. Вардар продолжи да доминира во секој сегмент, па почетниот период го освои со 23-10.
Кошаркарките на Стамески ја поправија дефанзивата при почетокот на втората четвртина, но и натаму беа далеку посакуваната цел. „Црвено – црните“ запреа за момент, но веќе во 15. минута го остварија највисокото водство од 15 поени. Баделки се потпираа на реализацијата на Лазаревска и Адамовска, сепак вардарки предводени од Накоов и од Муса заслужено заминаа на одмор со +10 (36-26).
Во второто полувреме Бадел се обидуваше преку контра-напади да ја стопи предноста на Вардар, но тој ризик не се исплатеше бидејќи избраничките на Дамњановски ја казнија секоја неискористена шанса на нивниот противник. Контролирајќи ја топката Вардар ја одржуваше сигурната предност и при тоа ја направија победата уште поубедлива откако го освоија последниот период со 19-11.
Наков и Муса беа најразиграните кошаркарки од редовите на Вардар. Наков, која беше избрана и за МВП на финалето, забележа 20 поени и три асистенции, додека на Муса и недостигаше еден скок за да оствари дабл-дабл учинок, а заврши со 16 поени и девет скока. Од тимот на Бадел Лазаревска и Стојановска се истакнаа како најефикасни, со реализирани 11, односно 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА