Откако остана без пласман претходно на велослаломската трка, македонскиот олимпиец Антонио Ристевски остана без пласман и во слалом на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.
Ристевски не успеа денеска да ја заврши првата слаломска трка, останувајќи без запишан резултат во Пјонгчанг во конкуренција на 106 скијачи колку што се појавија на стартот.
Златниот медал го освои Андре Мирер кој успеа да ги искористи грешките на главните конкуренти Марсел Хиршер и Хенрик Кристоферсен. По двете трки забележа време 1:38.99 минути и го освои златото.
Мирер е првиот Швеѓанец што освоил олимписка титула во алпско скијање по пауза од 38 години, по трофеите на легендарниот Ингемарк Стенмарк кој освои златни медали во слалом и велеслалом на Игрите во Лејк Плесид.
Швајцарецот Рамон Ценхојзерн го освои среброто а Австриецот Михале Мат стигна до бронзениот медал.
Најголемиот фаворит за златото Марсел Хиршер излета од патеката уште во првата трка. Хиршер кој претходно освои златни медали во супервелеслалом и велеслалом пропушти шанса да влезе во друштво на Јаница Костелиќ, Тони Зајлер и Жан-Клод Кили кои на едни игри освоиле три златни медали.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА