Машката ракометна репрезентација на Македонија на следниот собир во неделата на ЕХФ (2-8 април) ќе одигра еден контролен натпревар против селекцијата на Русија. Репрезентацијата на Русија која ја предводи спортскиот директор на Вардар, Едуард Кокшаров, во неделата на ЕХФ ќе биде на подготовки во Скопје и договорено е одигрувањето на контролен натпревар со репрезентацијата на Македонија која исто така ќе се подготвува во Скопје. Натпреварот ќе се одигра на 7 април во СЦ „Јане Сандански“ и ќе биде од затворен тип, без публика.
„Договорено е со Русија да одиграме еден контролен натпревар на 7 април пред Велигден и тоа ќе биде финиш на овие подготовки во неделата на ЕХФ. По договор на селекторите овој контролен натпревар ќе биде од затворен тип. Во преостанатите денови од овие подготовки, од 2 до 7 април, македонската репрезентација најверојатно ќе тренира во СРЦ Кале поради презафатеност на Арената „Борис Трајковски“ – информира директорот на македонската репрезентација, Милчо Чакарески.
Подготовките во априлската недела на ЕХФ ќе бидат прв собир на репрезентацијата по настапот на јануарското ЕП во Хрватска и прва фаза во подготовките за јунскиот бараж против Романија за место на СП 2019.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА