Малку пливачи, уште послаби резултати во меѓународни рамки, а „тепачка“ за фотелјата во Пливачката федерација на Македонија. Откако вчера беше одржано едно Вонредно собрание, на кое Александар Маленко беше потврден како претседател на федерацијата, денеска членовите на Иницијативниот одбор за промени свика ново Вонредно собрание во салата „Борис Трајковски“, и избра друг претседател – Дарко Нашков. Очигледно е дека македонското пливање „плива“ во паралелизам.
„Денеска во 12 часот во просториите на конференциската сала на Спортскиот Центар Борис Трајковски се одржа Вонредното собрание по барање на Иницијативниот одбор на кое учествуваа 14 клуба со решение за дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт, од вкупно 25 каде едногласно беше изгласан статут, претседател, заменик претседатели за пливање, далечинско пливање и ватерполо, Управен одбор и останати тела на Пливачката федерација.
За претседател на Пливачката федерација на Македонија едногласно со вкупно 28 гласа беше изгласан Дарко Нашков, предложен од ПК Челични од Штип. За потпретседатели беа изгласани: Претседател за пливање Мартин Стефановски, претседател за пливање на отворени води Кире Трендафилов, ватерполо Сашо Спировски кои едногласно беа изгласани со 28 гласа од вкупно 14 делегирани клуба. Едногласно беше изгласан и новиот Управен одбор и тоа: Тодоровски Сашо, Ернест Вацев, Мустафа Рамадани, Наташа Мешковска, Александар Спирковски, Милчо Верушевски, Катерина Стојановска. На собранието присуствуваа вкупно 15 клуба од кои 14 со право на глас. Истото го поздравија и посакаа успешна работа, претставници од Агенцијата за млади и спорт, Томче Андоновски (сектор спорт) и директорот Дарко Каевски“, информираат иницијаторите.
Каков ли ќе биде фото-финишот, и дали пливањето целосно ќе се „удави“, останува да покаже времето…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА