Вардар „падна“ и во Нант, ќе почека за виза за четвртфинале

Ракометарите на Вардар по голема битка претрпеа пораз од 27-26 во претпоследното коло од групната фаза во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ речиси 50 минути играа далеку од посакуваното ниво, бркајќи голема негатива, на крајот во голем стил се вратија, но немаа доволно време за целосен камбек. Поразот значи дека Вардар се уште го нема осигурано првото место во групата кое носи и директен пласман во четвртфиналето, за што избраниците на Раул Гонзалес ќе мораат на ниво да го одиграат својот последен меч, на домашен терен со Висла.

„Вардарци“ имаа минимална предност од 0-1 и 1-2, но грешките во нападот на избраниците на Гонзалес им овозможија на Французите со брзи контранапади да го свртат резултатот во своја полза и да поведат со 4-2. Проблемите на македонскиот првак продолжија, се немаше одговор за одбраната на Нант, па Гонзалес побара тајмаут при водство на противникот од 7-3, откако Гурбиндо го постигна и третиот погодок од контранапад. Циндриќ влезе во игра во обид да го разигра Вардар, но Димулан му одбрани неколку удари на Хрватот, па Нант лесно ја контролираше предноста која во неколку наврати изнесуваше по пет погодоци.

Штербик имаше само две одбрани за неполни 20 минути, па Гонзалес го внесе Милиќ на голот, но без премногу успех. Благодарение на нешто поцврстата одбрана Вардар намали на 13-10, а потоа пропушти можност уште повеќе да се приближи со брзоплетата реакција на Дибиров, кој се обиде со шут од сопствената половина и промаши. Следеше казна, Нант предводен од Доминик Клајн фуриозно го одигра остатокот од полувремето, па францускиот тим на одмор замина со предност од 18-12, откако Димулан одбрани уште еден зицер на Шишкарев.

Францускиот тим во идентичен ритам го стартуваше и вториот дел, па домаќините набрзина дојдоа и до „плус осум“ (20-12). Дибиров постигна два гола во серија и Вардар намали на 21-15, но Нант потоа ја стабилизираше играта и ја одржуваше предноста околу шест гола. Домашниот тренер Анти побара тајмаут на средината од полувремето при резултат 23-17, а веднаш потоа Гурбиндо реализираше во мрежата на Штербик, кој во вториот дел бранеше далеку подобро отколку во првите дваесет минути. Во последните десет минути се влезе со предност на Нант од 24-19, пред Гурбиндо со својот осми гол да ја врати предноста од „плус шест“ на домашниот состав.

Вардар не се предаде, па со головите на Циндриќ и на Карачиќ намали на 25-21 на седум минути до крајот. Нервозата во редовите на Нант стана очигледна, па по новата загубена топка следеше контранапад и лесна реализација на Мартин Поповски, принудувајќи го Анти на нов тајмаут, овојпат при резултат 25-22. Следеше одлична реакција во одбраната на Абутовиќ, по што Дибиров веднаш реализираше за „минус два“ (25-23).

При резултат 26-24 судиите од Исланд имаа дискутабилна одлука покажувајќи пенал за стартот на Дибиров при обидот за цепелин на Балагер. Нервите ги загуби и Раул Гонзалес кој бурно реагираше, судиите покажаа две минути на клупата на „вардарци“, а Балагер го реализираше пеналот за водство на Нант од 27-24. Шишкарев веднаш возврати на спротивната страна, а потоа Штербик му одбрани зицер на Балагер одржувајќи го европскиот првак во игра. Раул побара тајмаут, но следеше погрешно додавање на Македа кон Дибиров по што домаќините ја зедоа топката и си ја осигураа победата, изразена со конечни 27-26.

Гурбиндо со осум гола и Клајн со пет погодоци, заедно со голманот Димулан, беа главни играчи во таборот на Нант, додека кај Вардар најефикасни беа Дибиров со шест гола (од 13 обиди) и Циндриќ со четири постигнати гола.

Вардар и покрај поразот останува на првото место во групата, па за директен пласман во четвртфиналето на „црвено-црните“ доволно ќе им биде и реми на последниот меч од групната фаза, на домашен терен против Висла.

Се вчитува...