Зидан: Сакам Нејмар да игра на реваншот, не се радувам на туѓа несреќа

Зинедин Зидан денешната прес-конференција во пресрет на дуелот со Еспањол ја искористи за да му искаже поддршка на Нејмар, по повредата што асот на ПСЖ ја заработи на синоќешното дерби со Олимпик Марсеј. Јасно е дека ПСЖ без Нејмар би бил далеку послаб ривал за Реал Мадрид во реваншот од осминафиналето, но Зидан изрази надеж дека Бразилецот ќе се рехабилитира и ќе може да настапи на „Паркот на принцовите“.

Не сум човек што се радува на туѓа несреќа, така што сигурно не ми беше мило кога видов дека Нејмар е повреден. Јас сум поранешен фудбалер и знам колку тешко им паѓаат повредите на играчите, затоа жалам секогаш кога ќе се случи такво нешто. Најискрено велам дека сакам Нејмар да игра на реваншот против нас“ – изјави Зидан.

Се уште е неизвесно дали францускиот стратег за реванш дуелот во Париз ќе може да смета на тројцата повредени првотимци, Тони Крос, Лука Модриќ и Марсело.

Тие се тука, продолжуваат со рехабилитацијата. Немаат тренирано со остатокот од тимот, сигурно се во аут за Еспањол, ќе видиме после среда како се чувствуваат и дали ќе можат да играат со ПСЖ“ – открива тренерот на „кралскиот клуб“.

Се вчитува...