Реал Мадрид вечерва (20 часот) му гостува на Еспањол, натпревар на кој „кралевите“ повторно ќе бидат без помошта на Кристијано Роналдо. Португалецот влезе во топ-форма и постигна два гола на последниот натпревар со Алавес, но Зинедин Зидан повторно реши да тактизира со составот и да го одмори својот најдобар играч, на седум дена пред реваншот од осминафиналето во ЛШ против ПСЖ.
Листата на патници за Барселона беше објавена дури утрово, а изненадувачки на неа не се најде Роналдо. За очекување е неговото место во стартниот тим да му припадне на Асенсио, а во однос на мечот со Алавес во екипата се враќа и капитенот Серхио Рамос, кој ја одлежа суспензијата. Според најновите информации од Шпанија, и Кашемиро нема да патува со тимот, а причината за неговото отсуство е стомачен вирус.
Само за потсетување, Роналдо го пропушти и претходното гостување на Реал, против Леганес, каде неговиот тим славеше со 1-3 со головите на Лукас Васкез, Кашемиро и на Серхио Рамос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА