Легендата на македонското пливање, Александар Маленко покрај битката која ја води околу докажување на сопствената легитимност како претседател на Пливачката федерација на Македонија, викендов ќе води битка повторно и во водите најавувајќи дека и самиот ќе биде учесник на Зимското државно првенство кое треба да се одржи во Куманово. Тој е пријавен за настап во дисциплините 50 метри слободно и 50 метри пеперутка.
Маленко во повикот за организација на Зимското државно првенство и натаму функционира како претседател на ПФМ, иако е добро познато дека во Македонија во моментов функционираат две пливачки федерации, втората под раководство на новоизбраниот претседател Дарко Нашков.
„Пливачка Федерација на Македонија со огромно задоволство Ве поканува на Зимско Државно Првенство во пливање за сите категории во поединечна и екипна конкуренција. Чест за домаќин за првпат во историја ќе ја има град Куманово, на Градски Базен 03 и 04.Март 2018 (Сабота и Недела) претпладне од 9 часот и попладне од 17 часот, кога ќе биде и свечено отварање од страна на Градоначалник на Куманово Г-дин Максим Димитриевски заедно со Претседателот на ПФМ Г-дин Александар Маленко. НАПОМЕНА, за првпат после 15 години ПЛИВАЧИТЕ се ослободени од плаќање Стартарина!!! Секој пливач кој има желба да настапи, а е спречен заради забрана (нема никаква правна основа)од клубот со закана под суспензија, ПФМ дозволува да настапи под МКД референца со официјално признат резултат и освоено место“ – се вели во повикот за одржување на Зимското државно првенство во Куманово со потпис на Александар Маленко.
А, од друга страна, Агенцијата за млади и спорт како нов легитимен претседател на ПФМ го призна Дарко Нашков кој беше избран на Собранието на 24. февруари во СЦ „Борис Трајковски“.
Членот на УО на ПФМ, Наташа Мешковска, која е дел од раководството на Нашков, потенцира дека ова првенство кое го организира Маленко воопшто не е под капата на Пливачката федерација. Зимското државно првенство на Македонија ќе се организира, според неа, во април кога и комплетно ќе завршат сите процедури со официјалниот упис на новиот претседател на ПФМ, Дарко Нашков, во Централниот регистар на РМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА