Ракометарките на Вардар денеска (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекуваат Битигхајм, во претпоследниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите. По киксот во Мец во претходното коло во кое вардарки го претрпеа првиот пораз сезонава по серијата од девет победи, на „црвено-црните“ им треба победа на денешниот меч за потврда на првото место во групата. Пласманот на Вардар во четвртфиналето во ЛШ одамна е обезбеден, а денеска треба да се завери и лидерската позиција во групата.
Вардарки имаат победа од првиот дуел во Германија (26-38) и улога на голем фаворит во денешниот дуел со германскиот шампион кој е последен на табелата.
„Претходниот натпревар го добивме со голема разлика, иако првиот дел не беше лесен. Треба да одиграме перфектно за да победиме и да ја решиме нашата задача во групата. На претходниот меч во Мец загубивме само поради нашите грешки. Ни треба поддршка од трибините од сите, да бидеме сложни сите заедно дури и кога губиме. Треба да го вратиме победничкиот дух и да останеме на првото место“ – изјави тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.
Работата на Вардар им ја олеснува и фактот што Битигхајм на денешниот натпревар ќе настапи само со 10 ракометарки од кои две голманки. Германскиот шампион е на последното место во групата со само два бода и без шанси за пласман во четвртфиналната фаза, па денешниот дуел на кој ќе настапат практично, само со една постава, ќе биде рамо рутинско одработување на обврските во ЛШ.
Во последното коло од главната фаза, Вардар на 10 март игра против Будуќност во Подгорица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА