Ракометарките на Вардар забележаа нова победа во рамките од Лигата на шампионите, славејќи пред своите гледачи над Битигхајм со резултат 30-22. Последниот натпревар од главната фаза во ЛШ очекувано мина во доминација на „црвено-црните“, кои не одиграа на сто проценти од своите можности, но сепак покажаа доволно за нова убедлива победа над ривалот од Германија. Воедно, со овој триумф „црвено-црните“ си го осигураа првото место во групата, што ќе им донесе нешто полесен противник во четвртфиналето.
Разликата во квалитет беше очигледна од самиот почеток, па „вардарки“ без преголем притисок успеваа да го диктираат темпото. Битигхајм на моменти успеваше да се одржува резултатски, па така по десет минути игра резултатот гласеше 5-5. Потоа Германките со „седум на шест“ речиси седум минути беа без постигнат гол, Вардар поведе со 7-5, но гостинките сепак успеаја да израмнат на 7-7. „Црвено-црните“ предводени од Лекиќ (пет гола во првото полувреме) играа рутински, повторно влегоа во серија кон крајот на полувремето, но овојпат не дозволија гостите да се вратат, па со голот на Радичевиќ во празна мрежа македонскиот првак замина на одмор со предност од пет гола (13-8).
Второто полувреме донесе очекуван след на настаните на теренот, Дибирова и Парондо го изротираа тимот, додека Германките немаа намера да се предадат, но исто така и немаа квалитет за да успеат да се вратат во натпреварот. Одбраната на Вардар на чело со Лејно одлично ги неутрализираше нападите „седум на шест“ на противникот, „црвено-црните“, па предноста веднаш се зголеми. Сара Ристовска имаше шанса за „плус десет“, но промаши од крило при 24-15, а „вардарки“ до крајот не успеаја во ниту еден момент да стигнат до двоцифрена предност. Македонската репрезентативка сепак реализираше во празна мрежа по грешката во напад на гостинките, потоа меѓу стрелците се запишаа и Саздовска и Керамичиева, за овој натпревар на крајот да заврши со конечни 30-22.
Андреа Лекиќ со осум гола беше најефикасна кај Вардар, пред Ристовска со четири и Цвијиќ и Пенезиќ со по три постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА