Филип Талески ја игра втората сезона во дресот на Рајн Некар Левен. Младиот македонски репрезентативец лани на полусезоната од Металург се пресели во редовите на германскиот шампион и доби шанса да игра и да напредува рамо до рамо со најдобрите, под водство на тренер од калибарот на Николај Јакобсен.
Пофалбите од неговите клупски колеги се најдобра потврда дека младиот македонски бек ужива заслужена доверба и е на на добар пат. Во интервјуто за Balkan-handball.com, српскиот репрезентативец на крилната позиција во Рајн Некар Левен, Богдан Радивојевиќ, упатува многу пофални зборови за односот и потенцијалот на Талески.
„Многу се дружиме, тој е одлично момче. Доби шанса да игра после повредата на Гвардиола. Не игра многу, но тој е млад, три години помлад од мене. Нема причини за грижа. Ја користи својата шанса на најдобар можен начин. Последните два натпревари ги одигра на високо ниво, 60 минути во одбраната. Заслужено го носи дресот на Рајн Некар Левен, ништо не добил на среќа. Има знаење и прераснува во врвен играч. Има уште многу да работи и да учи, како и сите ние, но тој е на вистинскиот пат“ – вели Радивојевиќ за Филип Талески.
Рајн Некар Левен e на лидерската позиција во Бундес-лигата, а во Лигата на шампионите на едно коло пред крај на групната фаза, ја има обзбедено четвртата позиција и пласманот во следната осминафинална фаза. Во последниот натпревар во групата А, „лавовите“ денеска го пречекуваат францускиот Нант (17.30 ч.).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА