Кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаја да се вратат со позитивна приказна на натпреварите од АБА лигата доживувајќи пораз пред своите навивачи во 21. коло од големиот фаворит Цедевита со 64-85 (13-15,18-26,17-16,16-28).
„Металците“ само на почетокот од мечот, во првата четвртина, успеаја да им парираат на гостите за да веќе пред полувремето Цедевита се стекне со двоцифрена предност (31-41).
Во второто полувреме гостите само рутински го одржуваа водството се до конечен триумф од 64-85.
Најефикасни во составот на МЗТ Скопје беа Спасојевиќ со 13 поени, Лалиќ со 12 поени дополнети и со 6 скока, Соколов запиша 11 поени а Дамјан Стојановски 10 поени. Во победничкиот тим предводеше Чери со 20 поени, а Укиќ мечот го заврши со 15 постигнати поени.
Македонскиот шампион и по овој пораз остана на последната позиција во АБА лигата со само три победи и 18 порази. Цедевита, пак, по триумфот се израмни на второто место со Будуќност со по 16 победи. На врвот е Црвена Звезда со 17 победи и 3 порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА