Кил или Сегед ќе стојат на патот на Ф4 на Вардар

Повеќекратниот европски првак Кил е потенцијален ривал на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако „зебрите“ вечерва успеаја да стигнат до посакуваниот резултат во Париз против ПСЖ (29-29). Ваквиот исход им овозможи на ракометарите на Кил да го задржат четвртото место на табелата, пред полски Кјелце, и да се најдат во делот од „костурот“ каде својот противник ќе го чекаат „вардарци“.

Марко Вујин беше херојот на Кил на тешкото гостување во Франција со дури 11 постигнати погодоци, пет даде Сантош, додека по четири пати меѓу стрелците се запишаа Нилсон и Билик.

Вардар како победник во својата група во осминафиналето ќе биде слободен, а потоа во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од двомечот Кил – Пик Сегед. „Црвено-црните“ сезонава веќе одиграа две средби со Сегед, ремизирајќи во Унгарија и триумфирајќи во Скопје, а повеќе од јасно е дека унгарскиот вицепрвак ќе биде далеку попосакуван противник отколку Кил, тим што на голот ги има извонредните Ландин и Волф, а во своите редови има и бројни ракометни ѕвезди од највисока класа.

Првите средби од четвртфиналето ќе се играат во периодот од 18 до 22 април, а реваншите се закажани за 25 до 29 април.

Се вчитува...