Селекторот на Македонија до 21 година Благоја Милевски ќе организира селективен тест натпревар за репрезентацијата до 21 година против тимот на Работнички. Натпреварот ќе се одигра во среда (7. март) во 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.
Првичната замисла на предводникот на селекцијата до 21 година беше да организира меѓусебна пресметка на фудбалерите кои конкурираат за место во тимот до 21 година, но поради клупските ангажмани и натпреварите кои ги играат екипите на Вардар, Шкендија, Силекс и Скопје, како и со почетокот на дуелите од Втора МФЛ, селекторот Милевски и неговиот стручен штаб не е во можност целосно да ја реализира замислата.
„Првичната намера беше повиканите фудбалери кои конкурираат за место во репрезетнацијата до 21 година да одиграат меѓусебна пресметка, но сега овој натпревар се поклопува со почетокот на Втората лига, а свои дуели имаат и Вардар, Шкендија, Силекс и Скопје. Токму поради тоа има одредени измени, но нашата цел останува иста. Им даваме шанса на фудбалерите кои немаа прилика да се наметнат во квалификациските натпревари и се надевам дека ќе извлечеме позитивни работи од овој мини собир. За мене секој натпревар е битен, уште повеќе што преку ваков тип натпревари бараме „новини“ кои можат да бидат од големо значење во пресрет на продолжението од нашиот квалификациски циклус. Се надевам дека фудбалерите исто така ќе го сфатат овој дуел и ќе не убедат во своите квалитети“ – вели Благоја Милевски, селектор на Македонија до 21 година.
За тест пресметката со Работнички на списокот на селекторот Благоја Милевски се наоѓаат следните фудбалери:
Голмани: Томас Божиновски (Пакош Фереира, Португалија), Ристе Јанков (Работнички), Филип Илиќ (Вардар);
Одбрана: Филип Стојановски (Раднички Пирот, Србија), Дин Аломеровиќ (Селта Б, Шпанија), Нехар Садики (Работнички), Бесарт Кривањева (Шкупи), Давид Атанаскоски (Академија Пандев), Стефан Костов (Ренова);
Среден ред: Калвин Н`Сомбо (Хелсинки, Финска), Изет Ајрулаху (Одореу, Романија), Арменд Далипи (Цибалија, Хрватска), Омар Имери (Шкупи), Андреј Лазаров (Работнички), Петар Крстиќ (Раднички Ниш, Србија);
Напад: Влатко Стојановски (Ренова), Марио Крстовски (Академија Пандев), Христијан Велиновски (Академија Пандев), Валон Етеми (Кукуши, Албанија).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА