Женската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе биде значајно засилена за наредните предизвици, откако е постигнат договор во иднина боите на нашата земја да ги брани Девана Бонер, кошаркарка од највисока класа која зад себе има и две титули од ВНБА лигата.
ЕКИПА дознава дека сите детали се веќе договорени, а Бонер во текот на оваа седмица и официјално ќе ги добие неопходните документи, што ќе значи и зелено светло за нејзин настап во црвено-жолтиот дрес. Станува збор за 30-годишна кошаркарка која има зад себе врвна кариера во САД, каде во дресот на Феникс меркјури има и две титули, во 2009 и во 2014 година. Таа три пати била избирана за најдобар шести играч во ВНБА-лигата (2009, 2010 и 2011 година), а во 2015 година беше дел и од најдобрата петорка на најсилната лига во светот, воедно и беше избрана да биде дел од олстар викендот во ВНБА.
Бонер, која има 193 сантиметри и може да настапува на неколку различни позиции, сезонава ја мина во Европа, во чешкиот тим Прага, откако минатата година роди ќерки близначки. Таа е во врска со Кендис Дупре, која исто така настапува во ВНБА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА