Србиновски: Фешта во Гостивар, ме потсети на најдобрите времиња

Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, не го криеше воодушевувањето по извонредниот пресврт со кој новиот прволигаш го зеде скалпот на шампионот МЗТ Скопје. Гостиварци влегоа во последните 10 минути со негатива од 15 поени, но ја добија четвртата четвртина со 26-8, за фантастична атмосфера во преполната сала.

„Многу сум горд на овој триумф, пред се поради публиката која вечерва беше феноменална. Ова беше вистинска фешта и ме потсети на најдобрите времиња на гостиварската кошарка, среќен сум што ги израдувавме навивачите. Мислам дека мечот го добивме со карактер и со памет во нападот во клучните моменти. Одбраната ја одигравме на највисоко ниво од самиот почеток, во првото полувреме имавме проблеми со нападот промашувајќи чисти шутеви. Ме радува што не се откажавме, продолживме во ист ритам во одбрана, a нападот проработи кога најмногу ни требаше“ – изјави Србиновски.

Повеќе од јасно е дека овој триумф значително ќе ја зголеми самодовербата кај гостиварци пред наредните предизвици на шампионатот.

„Пофалби до сите кошаркари кои настапија, предводени од одличниот Тасовски кој ја презеде одговорноста во клучните моменти. Јасно е дека сме пресреќни и по овој триумф уште похрабро ќе влеземе во следниот дел од сезоната“ – оптимист е тренерот на Гостивар.

Се вчитува...