Шкендија има голема предност во првенството во однос на актуелниот шампион Вардар, а тетовскиот тим сака да ја освои двојната круна оваа сезона, па најавува триумф и на денешниот реванш четвртфинален натпревар од Купот на Македонија. По ремито (1-1) на арената „Филип Втори“ во Скопје на првиот меч против Вардар, Шкендија е во мала предност, но капитенот Ферхан Хасани најавува триумф на денешниот реванш во Тетово.
Иако има најави дека Вардар и на овој меч ќе допатува во речиси младински состав, што го стори и на првенствениот меч со Силекс, а како знак на револт токму затоа што Шкендија не беше казнета од ФФМ за „случајот Фазлагиќ“, Хасани вели дека тој и неговите соиграчи се подготвуваат како да ќе играат против најдобриот тим на ривалот.
„Ние сме подготвени максимално и мотивирани да оствариме триумф против Вардар. Воопшто не размислуваме за составот на противникот, се подготвуваме како да ќе играме против нивниот најдобар состав. Дали ќе дојдат со младинци ќе видиме денеска, но тоа нема ништо да смени. Ние сакаме да ја освоиме двојната круна оваа сезона и одиме на победа против Вардар. Ги повикувам и нашите фанови да дојдат во голем број на трибините и да не бодрат, но да се воздржат од провокации и инциденти“, вели капитенот на Шкендија, Ферхан Хасани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА