Барди: Луѓе на улица ме прашуваа зошто не играм, не знаев што да им кажам

Енис Барди фантастично ја почна сезоната во Леванте, но потоа изненадувачки беше преселен на клупата за резерви. Со тренерската смена и заминувањето на Муњиз се очекува и статусот на македонскиот ас да се промени, а Барди во интервју за шпанските медиуми се наврати на проблемите со кои се соочуваше во изминатиот период.

На последните натпревари се наоѓавме во криза, а тренерот реши повеќе да не ме става. Одиграв 40 минути против Ла Коруња и мислам дека одиграв добро, но потоа пак не ме ставаа во игра. Јасно е дека тој мислеше дека носи правилна одлука, јас молчев и во ниту еден момент не правев билокаков проблем. Луѓет на улица ме прашуваа зошто не играм, не знаев што да им кажам. Мојата желба е јасна – да играм и да го давам својот максимум за Леванте. Сакам да играм на секој натпревар, секогаш да постигнувам голови, но некогаш тоа не се исполнува. Вистината е дека не знам што е причината, тренерот никогаш не разговараше со мене за тоа. Секогаш очекував дека моите минути ќе дојдат, но тоа не се случи“ – истакнува Барди.

Македонскиот репрезентативец е оптимист дека неговиот тим ќе успее да ја надмине резултатската криза.

Ситуацијата е лоша, но јас сум убеден – го велам тоа со месеци наназад, дека Леванте е многу подобар од Ла Коруња, Лас Палмас и од останатите екипи во битката за опстанок. Влеговме во серија порази и проблемот стана психолошки и го погодува целиот тим. Работиме цела недела, излегуваме на терен и губиме, тоа ни се повторуваше неколку пати и влеговме во кризен период. Ни треба само една победа за да ни се врати самодовербата, потоа се ќе се врати во нормала“ – полн со верба во својот тим е Енис Барди.

Новиот тренер Пако Лопез многу посериозно смета на македонскиот интернационалец, со кого веќе имаше и разговор во четири очи само неколку дена по своето доаѓање.

„Разговарав со тренерот, јасно е дека тој верува во мене, што ме радува бидејќи моја желба отсекогаш била да му помогнам на тимот. Каде и да ме стави во екипата, подготвен сум да дадам 100%. Во Ујпешт играв и како лево крило, реално можам да настапам на четирите позиции во средниот ред, на тренерот е да избере каде ќе ме искористи“ – вели македонскиот интернационалец.

Тој проговори и за своето прерано заминување од македонскиот фудбал, за изградба на сериозна кариера во странство.

„Од Македонија си заминав бидејќи условите за фудбал беа многу лоши. Си отидов бидејќи бев убеден дека можам да играм во други земји. Заминав во Шведска и имав среќа таму да имам тренер на кого сум му бескрајно благодарен, бидејќи ми плати се што требаше, ми обезбеди храна и сместување кога имав само 16 години. Секогаш сум верувал дека еден ден ќе заиграм во Шпанија бидејќи тој стил на игра најмногу ми одговара… еве сега и таа желба ми се исполни. Минатото лето имав понуди и од Бетис и од Џирона, но го избрав Леванте поради директниот и искрен пристап на спортскиот директор. Во ниту еден момент не зажалив за таа своја одлука“ – истакнува Енис Барди.

Се вчитува...