Само еден ден траеше неофицијалниот рекорд на возачот на ред Бул, Даниел Рикиардо на патеката „Каталуња“ во Барселона. На денешните претсезонски тест-возења, на патеката доминираше Себастијан Фетел. Возачот на Ферари извозе најбрз круг со време од 1:17.128 минути и за една десетинка го подобри вчерашниот рекорд на Рикиардо.
Зад Фетел на втората позиција заврши Кевин Магнусен од тимот на Хас, а трето најдобро време постигнаНико Хулкемберг со Рено. Новакот во Торо Росо, Пјер Гасли, беше четврти. Французинот во последната обиколка постигна второ најдобро време, но тоа отшпадна од официјалните мерења поради скратување на една од шиканите на патеката.
Стофл Вандорн од Мекларен имаше петто најдобро време на денешните тестови, но болидот на Мекларен одново заврши на двочасовен ремонт во гаражата, а Белгиецот извозе само 48 круга.
Најдолго на патеката остана Валтери Ботас кој со болидот на Мерцедес извозе 96 круга, но на крај заврши само на седмата позиција.
Новата сезона во Формула 1 стартува на 25 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА