Реал Мадрид забележа огромна победа во рамките од 25. коло од Евролигата, на домашен терен совладувајќи го Панатинаикос (92-75), директниот ривал за што подобар пласман во пресрет на четвртфиналето од елитното европско натпреварување. Триумфот е уште поголем ако се знае дека „кралевите“ настапија без повредениот Лука Дончиќ, но сепак успеаја да го натераат на капитулација незгодниот гостин од Грција. Како пресуден се покажа стартот на третата четвртина во која Реал стигна до предност од 14 поени (56-42), што „кралевите“ потоа знаеја како да ја задржат до самиот крај.
Козер ја презеде лидерската улога во отсуство на Дончиќ и постигна 26 поени, а добар меч одигра и Кампацо, реализирајќи 15 поени, пет скока и пет асистенции.
Химки претрпе неочекуван пораз на домашен терен од Милано (77-86), неуспех со кој рускиот тим направи чекор назад во битката за што подобар пласман пред четвртфиналето. Мечот беше решен во четвртата четвртина што италијанскиот состав ја доби со 15-25, успевајќи да го земе скалпот на фаворитот. Гудлок со 26 поени беше прв стрелец на Милано, во чии редови поради повреда повторно не настапи Џордан Теодор.
Басконија славеше на шпанското дерби со Валенсија (71-81), останувајќи во игра за осмото место на табелата. Хуертас беше клучна фигура со 19 поени и седум асистенции, додека Фоигтман го заврши мечот со 16 поени и девет скока.
Макаби предводен од Пјер Џексон (18 поени) го освои Истанбул триумфирајќи на гостувањето против Анадолу Ефес со 81-94, резултат со кој израелскиот гигант ја задржа осмата позиција, со една победа предност во однос на Басконија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА