Денешниот состанок на Собранието на АБА-лигата донесе лоша вест за Македонија, откако беше обелоденето дека нашата земја нема да има ниту еден претставник во елитното регионално натпреварување во наредната сезона. Причина за ова се очајните резултати на МЗТ Скопје, кој како последен на табелата испаѓа од елитното друштво во АБА-лигата, а откако денеска паднаа во вода надежите дека може да дојде до проширување на лигата.
Како што објави АБА на својата официјална веб-страница, оваа лига и во наредната сезона ќе има 12 тимови, а исто толку ќе се натпреваруваат во АБА2. МЗТ Скопје како испаднат тим од елитата веднаш се сели во АБА2, а воедно е донесена одлука единствен начин за влез во елитното друштво да биде преку втората лига. Ова е лоша вест за Работнички, бидејќи тимот од „Градски парк“ се надеваше на проширување за со зголемен буџет и вајлд-карта да влезе во игра, идеја што дефинитивно нема да се реализира по најновиот развој на настаните.
Сите земји од регионот ќе имаат можност да пријават по два тима за АБА2, па интересно ќе биде да се види дали Работнички ќе прифати да биде дел од втората лига, откако минатото лето одби таква опција.
Раководството на лигата информираше дека од наредната сезона ќе воведе и бараж меѓу второпласираниот во АБА2 и претпоследниот тим во АБА1, за тоа која од овие две екипи во следната сезона би играла во елитата.
„Овој систем на натпреварување нема да се менува до крајот на сезоната 2024/25, доколку не дојде до значителни промени во европската кошарка во меѓувреме“ – порачуваат челниците на АБА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА