Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски, сигурно ќе биде еден од главните адути на „металците“ на вечерашното големо дерби во „Градски парк“ против лутиот ривал Работнички (18 часот), во дуелот од 19. коло во Првата лига. Тој играл многу вакви дерби – мечеви, и знае дека секој нов натпревар е нова приказна.
„Воопшто нема да ни биде лесно вечерва, без разлика што го совладавме Работнички во последниот дуел. Гостувањата во ‘Градски парк’ секогаш се приказна за себе, таму противникот секогаш дава повеќе, за што говори и неприкосновениот скор сезонава. Свесни сме дека само ако одиграме перфектно ќе може да триумфираме во овој натпревар. Мотивираноста дефинитивно не изостанува, сакаме да победиме и веруваме дека ако одиграме максимално квалитетно и според зацртаниот план ќе можеме да дојдеме до целта“, вели Дамјан Стојановски за официјалниот сајт на клубот.
Кај МЗТ Скопје видливо ќе биде отсуството на Бојан Трајковски, кој поради повреда ќе го пропушти овој дерби-натпревар. На претходниот меч кај Морнар од АБА-лигата на болка во зглобот се пожали и Дарко Соколов, но очекувањата се дека тој ќе може да помогне.
Според статистиката на МКФ, ова ќе биде 139-то вечно дерби во историјата. Судии на натпреварот ќе бидат Игор Митровски, Александар Милојевиќ и Александар Павлов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА