Хуан Мартин дел Потро ќе игра против Роџер Федерер во финалето на турнирот во Индијан Велс и ќе се обиде да ја освои својата прва Мастерс титула во кариерата. Во полуфиналната пресметка Аргентинецот во два сета беше поуспешен од Милош Раонич, со 6-2, 6-3 и стигна до првото финале на Мастерс турнирите во последните четири години.
Дел Потро одлично ја почна сезоната и со победата против Денис Шаповалов во Окленд се врати во Топ 10 во светскиот тенис, прв пат по 2014 година. Во финалето во Окленд, Аргентинецот загуби од Роберто Баутиста Агут, а потоа триумфира на турнирот во Акапулко победувајќи го во финалето Кевин Андерсон што му ја донесе 21.титула во кариерата.
„Годинава целта ми е да се обидам да играм на сите турнири. Сакам да играм на сите подлоги. Играв во Окленд, Мелбурн, Делреј и во Акапулко. Ова ми е петти турнир годинава, а потоа продолжувам во Мајами. После тој настап ќе направам пауза да видам дали сум во можност да играм на земја, бидејќи моето тело не ја сака таа подлога. Но, ако сум здрав, би сакал да играм цела сезона што е речиси 20 турнири“ – вели Дел Потро.
Аргентинскиот тенисер од ланскиот УС Опен има осум победи над играчите што се во Топ 10 на АТП листата што за него е одличен успех со оглед на тоа пред овој период Дел Потро не беше ни меѓу водечките 100 тенисери во светот. А, како што откри во еден период сериозно размислувал и да се откаже од тенисот.
„Извесен период имав проблеми со депресијата и не се трудев да се опоравам. Во тој момент од животот се обидов да најдам некој друг пат и тогаш размислував да престанам да се занимавам со тенис. Му благодарам на Бог што сум сега здрав и што повторно играм тенис. Повторно сум во Топ 10. Од публиката и од моите навивачи добивам голема љубов и сето ова го правам затоа што го сакам“ – вели Хуам Мартин дел Потро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА