За добро дерби се потребни полна сала и два квалитетни тима. За празник на кошарката – тоа сепак не е доволно, во него се мора да биде „на ниво“, секој да ужива, а подобриот на крајот да победи.
За жал, далеку сме ние за да имаме празник на кошарката. Ова вчера беше блиску, полна сала пред почеток, две одлични екипи на терен, судии што одлично ја делеа правдата… и навивачи на двете екипи на трибините. Колку и да сакавме позитивно да го претставиме тоа пред почетокот од натпреварот, факт беше дека „Сити парк бојс“ и „Фемили“ во иста спортска арена важат за ситуација на „темпирана бомба“, особено во помали сали каква што е „Градски парк“, и каква што беше „лименката“ во Аеродром.
Ај да не кобиме… можеби ќе биде добро, мислевме пред стартот, но ете – се покажа дека не ќе да е до нас, туку до оние на трибините, за кои плукањето е хоби што си го тренираат на секој натпревар, а вечното дерби им доаѓа како да е – финале на светско првенство. Комесарот при МКФ ригорозно ги зголеми казните токму за овој вид на примитивизам, но очигледно ниту тоа не е лекот кога парите не ги плаќаат тие самите, туку клубовите. А тие потоа се жалат на превисоки казни, но никако не успеваат да ги едуцираат своите фанови на „домашна култура“, што значи плукање на играч, тренер, судија… плукање на човек што само дошол да си ја врши работата.
Поразени делуваа сите по натпреварот, и Работнички кој водеше 12 разлика, и МЗТ Скопје кој не се откажуваше во обидите за камбек.
„Резултатот е во втор план на ова дерби, наша желба е да ја вратиме кошарката, за жал со овој прекин се направи чекор наназад на тој план“ – директорот на „металците“, Тони Грнчаров, најдобро ја отслика целокупната ситуација и атмосферата во подтрибинскиот простор.
Можеше ли да се доигра? Секако дека можеше.
Дали имало и далеку „пожешки“ дерби дуели со многу посериозни инциденти? Секако дека имало.
Сепак, на ваквите случки мора да им се стави крај – макар и се прекинувале уште десет дерби натпревари, за конечно еднаш и засекогаш лекцијата да биде научена. За кога ќе се каже кошаркарско дерби, да се мисли на празник на кошарка во кое може да ужива цело семејство, а не да стои предзнак „опасно по живот“ (она што Лукајиќ го тврди – фрлени стаклени шишиња на терен, тоа дефинитивно е максимално опасно по живот).
Нема потреба од залажување, салата „Градски парк“ е предалеку од задоволување на стандардите, но зелено светло за вакви работи се дава на старт на сезона. Или тогаш „Фемили“ не беа крај МЗТ, па не постоеше „реална опасност“. Во МКФ треба да се свесни, одлуките се носат на почеток на сезона и потоа се стои зад нив, а секое непочитување или „лизгање од стандардите“ се казнува. Како можело тогаш некој да даде дозвола дека Работнички може да биде домаќин, а сега одеднаш оваа сала станува „фалична“. Бидејќи нели борбата е салите ширум Македонија да се наполнат, а условите во „Градски парк“ се такви какви што се со години наназад. И секогаш молкум се дава согласност… додека не бидне беља.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА