Марин Докузовски беше задоволен од беспрекорната игра во нападот на Работнички, за која шампионот МЗТ Скопје немаше одговор на ова дерби во „Градски парк“. Воедно, шефот на стручниот штаб на Работнички изрази надеж дека фантастичната серија од 19 прволигашки победи што трае од стартот на сезонава ќе продолжи уште извесно време.
„Тешко е да се игра во празна сала, но ние бевме мотивирани уште од вчера и продолживме во ист ритам и во ова продолжение. Овие тринаесет минути ги одигравме многу добро во нападот, постигнавме 38 поени што е навистина многу за овој период. Вообичаено Работнички ги добива мечевите со помал број на примени поени, овојпат славевме со поголем број на постигнати поени, цел меч нападот ни беше одличен, го контролиравме меч и заслужено победивме. Генерално гледано, МЗТ немаше одговор за нашиот напад, мораме да сме задоволни поради тоа, но има уште многу да се игра сезонава. Со оваа победа речиси сигурно е дека ќе бидеме првопласирани во пресрет на плејофот, но продолжуваме со иста мотивираност како и досега. Сигурно и Работнички ќе загуби еднаш во првенството сезонава, но се надевам дека ќе биде подоцна“ – изјави стратегот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА