Ракометната репрезентација на Македонија сигурно ќе добие на искуство за претстојниот двомеч со Фарските острови со камбекот во националниот тим на Марија Штериова. Таа по неколку години пауза повторно ќе го облече репрезентативниот дрес и сигурно ќе му биде од голема помош на селекторот Симовски во обидот да се стигне до две победи на овој двомеч.
„Да се игра за националниот тим е голема чест, среќна сум што сум овде. Разговарав со селекторот кој ми кажа дека нашата репрезентација има големи амбиции, се согласив да дојдам и да помогнам. Има многу нови девојки со кои ќе се воигруваме во следните денови. Мора да се работи, тоа е факт, но верувам дека овде има девојки со добар квалитет. Се може да се случи, се уште може да се квалификуваме, треба добро и професионално да работиме во овој период и да дојдеме до победите што ги посакуваме на претстојните две средба“ – изјави Штериова.
Таа предупредува дека не смее да дојде до пад на концентрацијата во ниту еден момент, сепак верувајќи дека квалитетот е на наша страна.
„Искрено не ги познавам Фарските острови детално, но знам дека оваа репрезентација како и сите останати од Скандинавија игра 60 минути во исто темпо, не се откажува од намерата да стигне до позитивен резултат. Тоа значи дека ние не треба да дозволиме да направиме разлика, па да се опуштиме, мораме да одиграме цел меч во исто темпо. Јас не настапив при ланската победа, верувам дека ривалот е квалитетен, но и дека ние сме подобри од нив“ – истакнува повратничката во македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА