Српскиот кошаркарски интернационалец Стефан Синовец, до крајот на сезоната по четврти пат ќе ги брани боите на актуелниот макеоднски првак МЗТ Скопје. Тој денеска ќе го одигра првиот натпревар за „металците“ во домашното првенство, кога МЗТ го пречекува Кожув во малата сала на спортскиот центар „Јане Сандански“, меч кој се игра во рамките од 20. коло.
„Среќен сум што повторно се вратив во МЗТ, овој клуб е мојот втор дом во кој претходно минав три прекрасни години. Пред нас е обврската во домашното првенство, ќе дадам се од себе за да го одбраниме шампионскиот трофеј. Имам три пехари од ова првенство, се надевам дека до крајот на сезоната ќе ја зголемам колекцијата. Мило ми е што „Фемили“ се повторно на трибини, едвај чекам повторно да ги слушнам. Добро ја паметам нивната поддршка од мојата прва сезона тука, убеден сум дека со нивната помош можеме да ја оствариме нашата цел“, изјави Синовец.
Синовец во кариерата брои три титули во македонскиот шампионат (2014, 2015 и 2017 година). Оваа сезона играше во дресот на Мега, тимот со кој имаше солидни настапи во АБА – лигата, а од него се очекува да донесе дополнителен квалитет во тимот на МЗТ Скопје Аеродром на патот кон одбрана на титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА