Францускиот шампион ПСЖ во дуелот од домашното првенство против Ним (30-29), но остана без двајца клучни играчи. Со повреди натпреварот предвреме го завршија Никола Карабатиќ и Сандер Сагосен.
Норвешкиот бек го напушти теренот поради болки во грбот. Карабатиќ во првото полувреме незгодно згазна и го повреди зглобот на десната нога и веднаш се пресели во соблекувалната. Според изјавата на неговиот брат Лука Карабатиќ, која ја пренесоа францускиот медиуми, Никола сигурно ќе го пропушти репрезентативниот собир во неделата на ЕХФ.
„Се надевам дека не е многу тешка повреда. Но, мислам дека нема да игра против Иври на следниот натпревар и нема да биде на собирот со репрезентацијата на Франција. Му треба време да се опорави целосно“ – изјави Лука Карабатиќ.
Деталните прегледи покажаа дека станува збор за истегнување на скочниот зглоб, поради што ќе следи пауза меѓу три и шест седмици. Останува да се види дали Карабатиќ ќе биде „фит“ за продолжението од европската сезона на „светците“ од Париз. ПСЖ има среќа што како првопласиран во групата, исто како и Вардар, ја прескокнува осминафиналната фаза во Лигата на шампионите. Следниот натпревар во ЛШ им е во четвртфиналето со победникот од дуелот меѓу Кјелце и Рајн Некар Левен, во втората половина на април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА