Фарса во ЛШ – Кјелце сo +24 против „резервниот“ Рајн Некар Левен

Полскиот првак Кјелце очекувано славеше убедлива победа против вториот тим на Рајн Некар Левен со 41-17, во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Овој натпревар ќе влезе во аналите на најелитното европско натпреварување  по многу куриозитети. Рајн Некар Левен денеска во два часа разлика игра два натпревари, со Кјелце во Лигата на шампионите и со Кил во Бундес-лигата. Поради спорот со ЕХФ околу термините, германскиот шампион донесе радикална одлука во ЛШ да игра со вториот тим, а првиот тим да настапи во Бундес-лигата. Епилогот од сето тоа е денешната фарса  во првиот осминафинален натпревар од ЛШ во кој Рајн Некар Левен во Полска гостуваше со вториот тим предводен од 27-годишниот тренер Михел Абт, со 14 играчи во тимот составен од ракометари од 18-19 години и двајца 38-годишни ветерани.

На другата страна, Талант Душебаев со Кјелце ја искористи ситуацијата во своја полза и не ја пропушти шансата која на тацна му носи пласман во четвртфиналето од ЛШ. Полскиот првак влезе со полна сила против „подмладокот“ на Рајн Некар Левен и создаде предност која реално ќе биде тешко достижна за „лавовите“ во реваншот на домашен терен и која го носи Кјелце во четвртфиналето на ЛШ.

Уште на осум минути пред крајот на првото полувреме, домаќините стигнаа до двоцифрена предност поведувајќи со 16-6, а на полувремето имаа водство од 21-8.

Голеадата на Кјелце против „третолигашкиот“ противник во ЛШ, продолжи и во второто полувреме. По шест минути игра полскиот првак веќе беше на +15 (25-10), а како што одминуваше времето, така растеше и предноста на домаќините. На девет минути пред крај Кјелце стигна до 20 гола разлика (34-14). И, на крај полскиот првак го заврши овој прв осминафинален дуел со 24 гола разлика (41-17).

Мануел Штрлек и Михал Јурецки со по седум гола беа најефикасни во триумфот на Кјелце. Во вториот тим на Рајн Некар Левен, прв стрелец беше Рико Келер со пет гола.

Реваншот меѓу Рајн Некар Левен и Кјелце ќе се одигра во 1 април во Манхајм. Кјелце со оваа предност, треба само да го потврди пласманот во четвртфиналето на ЛШ во кое победникот од овој дуел оди на ПСЖ.

Се вчитува...