Златан Ибрахимовиќ е најновата ѕвезда што се пресели од Европа во американската МЛС-лига, прифаќајќи ја понудата на ЛА галакси. Сепак, овој мегатрансфер немаше да се случи доколку тимот од Лос Анџелес во својата управа го немаше Јован Кировски, поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и на Борусија Дортмунд кој сега многу успешно ја извршува директорската функција во клубот.
Кировски е роден во САД, но неговите родители потекнуваат од Македонија. Тој беше дел од Манчестер јунајтед од 1992 до 1996, но се пресели во Борусија Дортмунд откако не се наметна кај Алекс Фергусон, по што не можеше да му биде извадена работна дозвола. Во првата сезона во дресот на „милионерите“ тој се закити со титулата во ЛШ, но многу повеќе импресионира со своите менаџерски способности отколку што тоа го правеше своевремено со настапите на теренот.
Впрочем, тој допатува заедно со Ибрахимовиќ од Манчестер во Лос Анџелес, на обиколка на спортскиот центар на галакси, пред двајцата заедно да заминат на вечера со Дејвид Бекам, со кого Кировски е одличен пријател.
„Во ЛА галакси ме почитуваат бидејќи сум бил дел од Манчестер јунајтед, знаат и дека сум играл во Лигата на шампионите. Работа ми е да им ги кажам сите позитивни и негативни работи, а одлуката на крајот ја носат газдите“ – вели Кировски.
Сепак, токму тој е најзаслужен за мегатрансферот на Златан Ибрахимовиќ. Кировски не се откажа откако Ибракадабра го одби при заминувањето од ПСЖ и потпиша за Јунајтед, а потоа ја покажа својата големина по повредата што Златан ја заработи на дуелот со Селта, што значеше негова долга пауза на терените.
„Во сиот тој период јас константно бев во контакт со него. Без разлика дали се среќавав лично или разговарав по телефон, му кажував колку го сакаме и од колкаво значење би бил за нашиот тим. Искрено, ретко кој веруваше дека ова ќе се случи, но одеднаш работите станаа многу реални. Не е лесно да се потпише договор со толкава ѕвезда, но ете – ние успеавме“ – горд е Кировски на овој мегатрансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА