Морнар израмни на 1-1 во полуфиналната серија од АБА-лигата против Црвена звезда, откако црногорскиот вицепрвак вечерва го зеде скалпот на шампионот (88-84) благодарение на Немања Врањеш. Поранешниот кошаркар на Куманово одигра извонреден натпревар, „црвено-белите“ немаа одговор за неговите проектили од далечина, па Морнар сосема заслужено се избори за мајсторка што ќе се игра во Белград.
Домашниот тим повторно не можеше да смета на повредениот Урош Луковиќ, но центарот не им беше неопходен кога надворешната линија функционираше беспрекорно. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Морнар водеше цел натпревар. Црногорците за првпат дојдоа до двоцифрена позитива во првата четвртина (30-18), за потоа да го контролираат резултатот до самиот крај. Црвена звезда неколку пати опасно се приближуваше, но во тие моменти блеснуваше Врањеш, за нова ерупција од воодушевување меѓу домашните навивачи во преполната сала во Бар.
Морнар имаше „плус 14“ на помалку од четири минути до крајот, Црвена звезда доцна се разбуди и намали на само три поени разлика, но „црвено-белите“ немаа доволно време за да направат целосен пресврт.
Екс-играчот на Куманово беше главна фигура на овој меч со 29 поени, додека кај Црвена звезда Перо Антиќ постигна девет поени. Најслабиот меч во својата кариера го одигра капитенот на „црвено-белите“, Бранко Лазиќ, кој не само што немаше поени, туку зад неговото име останаа нули и во категориите за аситенции и украдени топки, а мечот поради пет лични грешки го заврши уште во третата четвртина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА