СЕДМЕРЕЦ: Чекор напред, чекор назад

Екипа

Прв пат по шест години женската репрезентација врза две победи по ред, чекор напред и зрак надеж за иднина

1.„Кале“ како во добрите стари времиња

Женската ракометна репрезентација последниве години не е во тренд, ниту пак Фарски Острови се некој противник за „селфи“, па синоќа во „Кале“ беа само оние вистинските ракометни фанатици. Како во старите добри времиња, топла атмосфера во ладно „Кале“ и публика со искрена поддршка за девојките во националниот дрес.

Македонија против Фарски Острови врза две победи по ред во квалификациите за ЕП. Прв пат во серија уште од 2012 и оние две квалификациски победи против Литванија и Турција кои тогаш не однесоа на ЕП во Србија, последното големо натпреварување на кое настапи женската репрезентација. Новата серија отвора нова шанса, нека е и теоретска, Македонија по долга пауза повторно да се врати на големите натпреварувања.

„ Долго време сите ние живееме за еден таков резултат“, ќе рече капитенката Елена Ѓорѓиевска.

Втората победа против Фарски Острови во „Кале“ за македонската репрезентација е уште еден чекор напред доволен да измами задоволни насмевки на лицата на репрезентативките и помалку срамежлив, веќе подзаборавен победнички поздрав кон домашната публика.

Имаше грешки, не дека се беше перфектно и тоа доблесно го признаваат и ракометарките и стручниот штаб. Но, има и надеж дека трпеливоста и упорноста ќе се исплати и женската репрезентација ќе се врати на голема сцена. Шведска и Србија се фаворити, Македонија математички останува во борбата за пласман на ЕП. Вербата и надежта се дел од спортот.

Чекор по чекор, никој не бара медал, но, секоја победа е драгоцена. И може да има милион критики и забелешки од оние што повеќе сакат блиц успеси, сега и веднаш, без разлика на цената и на последиците. Но, оние што беа вчера во „Кале“ добро ја знаат и другата страна на медалот. И знаат дека женската репрезентација заслужува полна поддршка во борбата и упорноста да се одлепи од дното. Со тоа што го имаме.

2.Добра намера, лоша реализација

И додека Фарски Острови ни станаа синоним за надежни победи во изминативе две сезони и за тој тежок чекор напред на сениорската репрезентација, некаде во исто време деновиве на Исланд младинките отидоа пак чекор назад.

Еден речиси добиен, па на крај загубен меч, еден пораз со -16 и последниот со -26.

Што е многу, премногу е!

Дури и повеќе од оние ланските порази без крај на младинското ЕП во Словенија. Нема ли воопшто квалитет и потенцијал во генерацијата што доаѓа, или нешто недостасува во работата и во пристапот? Освен, хроничниот недостаток на силни клупски натпревари, се разбира.

Можеби одлуката во овие квалификации македонската репрезентација да настапи во комбиниран состав со помлади ракометарки и не беше најсреќно решение. Колку и да е намерата позитивна, во принцип, експериментите со „прескокнати“ генерации во младинските категории ретко даваат позитивен резултат.

Младите ракометарки на овие квалификации, навистина со време, стекнаа интернационално искуство, ама за жал, со негативен предзнак.

Во Македонија со години наназад рак-рана е работата со младинските категории. Ни треба сигурен проверен систен, не експерименти и протекции. Ни во женските ни во машките младински состави. Секој погрешен чекор носи изгубени генерации и „црни дупки“ од кои после тешко се излегува. Како онаа со која со години се бори женската сениорска репрезентација.

3.Пелистер никако да погоди тренер

Еден погрешен чекор на управата, на Пелистер може да му ја уништи сезоната која, како што почна, требаше да го врати култниот битолски клуб на големата ракометна сцена. Во големото битолско дерби Пелистер, пролетва по втор пат загуби од градскиот ривал Еурофарм Работник, овој пат во првата пресметка во суперлигашкиот плеј-оф.

И сега повторно ќе бараат нов тренер!

Борче Марковски требаше да биде подобра опција од Стевче Алушовски кој патем, изминатава есен со Пелистер имаше 12 победи по ред. И во првата пресметка го победи Еурофарм Работник што во битолското ривалство, се рачуна како победа во ЛШ. Марковски два пати загуби во битолскиот дуел и чесно, си поднесе оставка.

Добар тренер пред крај на сезона тешко се наоѓа, а нестабилноста на клупата и третата тренерска смена, Пелистер го става во аутсајдерска позиција во суперлигашкиот плеј-оф.

Со свој камен по глава. Тоа најмногу боли…

Се вчитува...