Амбициозниот Бекам, неговиот клуб полн со ѕвезди: На клупата Анчелоти, во напад Роналдо и Руни

Дејвид Бекам пред извесно време доби дозвола да основа фудбалска франшиза во Мајами, Флорида, клуб кој ќе се натпреварува во МЛС – лигата на САД. Со учество ќе започнат во сезоната 2020, кога ќе завршат со составувањето на тимот, а воедно до тогаш ќе им биде изграден и стадионот. Бекс има огромни амбиции, толку големи што со сигурност ќе привлечат публика за многу брзо време.

Имено, Бекам од старт сака три големи имиња да го предводат неговиот тим. Тој сака Карло Анчелоти да биде на клупата, стратегот со кого соработуваше во ПСЖ пред да се пензионира. Ако не успее со Анчелоти, Бекам ќе се обиде да го ангажира неговиот поранешен колега од Реал Мадрид кој сега е тренер на „кралевите“, Зинедин Зидан.

Екс-фудбалерот на Манчестер јунајтед, Вејн Руни е втората желба на Бекам. Англичанецот сака да го види својот сонародник во дресот на новиот американски клуб, кој пак размислува за иднина вон Европа, поточно сака да игра во САД пред да му заврши кариерата.

Третото име, со сигурност најзвучно, е Кристијано Роналдо. Бекам ќе ги вложи сите напори да го убеди петкратниот освојувач на „Златната топка“ да биде носител на неговата екипа. Роналдо исто така размислува за кариера во МЛС – лигата, а додека клубот на Бекам започне со работа, Португалецот ќе има 35 години па така и шансите за да се пресели на Флорида ќе бидат поголеми.

При добивањето дозвола уште во јануари, Бекам истакна дека сака да го види Мајами како ужива во фудбалот, па затоа ќе се труди секогаш да ги доведе најдобрите играчи кои се слободни или кои може да ги дозволи на пазарот. Првите најави се многу амбициозни, ќе се види колку Бекс навистина ќе може да ги оствари своите идеи.

Се вчитува...