Снегот само го разубави „Водно-Матка треил маратонот“ – Ристов од „ЕКИПА“ на 30. место! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Изминатиов викенд градот Скопје, планината Водно и споменикот на природата Матка беа домаќини на првиот планински маратон „Водно-Матка Треил Маратон” во организација на здружението ТРЕКС и ПСД Макпетрол од Скопје. Иако временските услови и условите на патеката беа повеќе зимски отколку пролетни, тоа не спречи вкупно 315 учесници да го прифатат предизвикаат на фантастичната патека околу Водно и Матка и да уживаат во атмосферата на настанот. Снегот во суштина овозможи незаборавно уживање за маратонците во маратонот кој треба вистински во овој период од годината да ја заживее природата над Скопје.

Првата трка на 40 километри и 2800 метри вкупно искачување стартуваше во 8 часот наутро од месноста „Полиција” во населбата Водно и на истата стартуваа 85 учесници од 11 држави кои имаа исклучително тежок предизвик. Патеката минуваше низ Средно Водно, Марково Крувче, врвот Крстовар, целиот гребен на Водно до врвот Кале (Кота), потоа следи спуштање до Матка, искачување до Св. Недела, Св. Никола Шишевски, Горно Нерези за да финишираат на врвот Крстовар во планинарскиот дом „Даре Џамбаз”.

На крајот во машка конкуренција триумфираше Александар Стојкоски од Македонија со фантастично време од 4:47.53 часа, втор беше Дејан Тодевски со време од 5:14.22, а трет заврши Александар Симјаноски со 5:3.43. Во женска конкуренција победи Мери Мирческа со време од 6:26.57 часа, втора финишираше Веселка Великова од Бугарија со 6:38.01, а трета Сања Најдовски со време од 6:43.08 часа.

За маратонската трка предвидени беа 10 часа за финиширање, а во лимитот не успеаја да влезат единствено четворица учесници што го прави процентот на успешност голем со оглед на условите и тежината на патеката.

На полумаратонската трка стартуваа 226 учесници од 10 држави и истата трка имаше многу понеизвесен финиш. Најбрзи во машка конкуренција беа Александар Спасов од Бугарија за 2:13.28 часа, со задоцнување од само 30 секунди беше нашиот Марјан Бонев со време од 2:14.07 часа, а трет Александар Кирковски со време од 2:15.50. Кај девојките прва беше Ирене Ван Ас од Холандија со време од 3:10.14, втора беше нашата Ана Велкова 3:34.38, а на третото место заврши Дора Кузманова од Бугарија 3:37.06 часа.

Стеван Ристов (лево) до 30. место во конкуренција на 223 натпреварувачи

ЕКИПА, како постојан медиумски поддржувач на домашните атлетски случувања, учествуваше со двајца свои претставници на полумаратонската трка во должина од 23,5 километри. Стеван Ристов, како натпреварувач на „ЕКИПА.МК“ запиша извонреден резултат од 3:13.34 часа, на крајот завршувајќи на 30. место во конкуренција на 223 натпреварувачи колку што ја завршија трката. Боро Апостолоски во првото свое учество на „Треил маратон“ заврши со време од 5:28.48 часа на 195 место.

Иако временските прилики во деновите кои претходеа и за време на трката беа далеку од посакувани за организаторите, сепак тоа не претставуваше поголем проблем трката да се организира на извонредно високо професионално ниво. Ниту пак беа спречени љубителите на трчањето и природата да се вклучат во една поинаква и интересна авантура, да се предизвикаат себеси, да бидат активни и да уживаат. На настанот, покрај организацискиот тим, беа ангажирани околу 50 волонтери, а 20-тина луѓе ја обезбедија трката од медицински и планинско-спасувачки аспект.

Идејата на организаторот е настанот да прерасне во еден од водечките спортски планински настани кои имаат за цел да ги шират позитивните етички и морални вредности кои треба да се почитуваат во планина како фер-плејот, солидарноста, почитта кон другите и природата и еднаквоста.

 

Се вчитува...