Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, по подолга пауза одново се враќа на терен за настапите во Дејвис Купот. Надал нема настап од Австралија Опен кога поради повреда го предаде мечот од четвртфиналето. Првичните планови беа да се врати еден месец подоцна во Акапулко, но непосредно пред почетокот на турнирот соопшти дека се уште не е подготвен. Потоа се повлече и од Мастерс турнирите во Индијан Велс и во Мајами.
Шпанецот кој во меѓувреме го загуби првото место на АТП листата, после паузата треба да се врати и прво да заигра за репрезентацијата во Дејвис Купот.
Серхи Бругера го стави Надал на списокот на игрчи за четвртфиналниот дуел од Светската група во Дејвис купот против Германија, што ќе се игра од 6 до 8 април во Валенсија.
Покрај Надал на списокот на Шпанија се и Роберто Баутиста Ахут, Пабло Карењо Буста, Фелисијано Лопез и Давид Ферер.
На Надал ова ќе му биде прв настап за репрезентацијата уште од 2016 година кога играше во мечот од плеј-офот против Индија во Њу Делхи во кој Шпанија обезбеди опстанок во најелитната група во Дејвис Купот. Најдобриот шпански тенисер тогаш настапи само во дубл со Марк Лопез.
Минатата година, Надал не одигра ниеден меч за националниот тим, иако беше најавен за дуелите со Србија во четвртфиналето и во првата рунда оваа сезона против Велика Британија.
За Надал настапот во Дејвис Купот ќе биде подготовка пред почетокот на сезоната на земја во која брани голем број бодови. Тој минатата година ги освои Мастерс турнирите во Монте Карло и Мадрид, а потоа и трофејот на Ролан Гарос и на турнирот во Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА