Македонија со историска победа над Англија (2-0) се прости од елитните квалификации за ЕП до 19 години. Селекторот Вујадин Станојковиќ е презадоволен што неговите момци совладаа една голема репрезентација, но се уште жали за двата порази и пропуштените шанси на претходните дуели со противници кои важеа за „послаби“.
„Не можев да си замислам подобар крај на овие елитни квалификации. Но, можеме само да жалиме што ги загубивме првите два натпревари што не донесоа до оваа незавидна ситуација. Ќе жалиме за сите шанси што не ги искористивме на тие два меча. Правевме доста грешки во одбраната, а противниците го користеа тоа и не казнуваа. Момците против Англија го покажаа вистинскиот квалитет и карактер, и пред се потенцијал кој го поседуваат“, истакна Станојковиќ.
Без разлика на исходот од оваа елитна рунда, Станојковиќ истакна дека е горд на оваа генерација и сите успеси кои ги направија во изминативе четири години. Оваа генерација сега ќе оди еден ранг погоре, додека Станојковиќ наскоро ќе мора да бира нови „чеда“ кои чесно ќе го бранат нациналниот дрес.
„Во изминативе четири години откако сум тука ме интересираше само играта на мојот тим. Благодарен сум на секој поединечно што ме истрпи мене и мојот темперамент во овие четири години, иако со многу емоции пристапувам на натпреварите и тренинзите, тоа е така затоа што секогаш го барам најдоброто од овие играчи. Фудбалот така ни налага, секогаш да бидеме подобри. Сите напори кои ги вложивме и се што успеавме да надградиме во овој тим се одрази со пласман во овие елитни квалификации. Со крената глава се простувам од овие момци, Македонија не треба да стравува, има „златна“ генерација. Секако дека постоеја и скептици, но ја знам кого водев и што работев во овие четири години. Според мене, ова е најдобрата генерација во историјата на македонскиот фудбал“, заврши селекторот Станојковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА