Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година доживеа нов пораз во квалификациите за пласман на ЕП 2019 во Италија. Во шестиот свој натпревар од Групата 7 избраниците на Благоја Милевски загубија на гостувањето против Австрија со 2-0 (0-0).
На мечот кој македонската селекција го одигра без Благоја Милевски на клупата, кој заработи суспензија од УЕФА по пријавата на главниот судија од претходниот меч со Русија, младинците успешно му парираа на противникот единствено во првото полувреме.
Новиот состав на Милевски, видно изменет во однос на претходните наши собир, одигра квалитетно прво полувреме по кое можевме да дојдеме и до предност. Сепак, во вториот дел домашните фудбалери заиграа далеку поагресивно кон голот на Јанков па следеше голот за водство од 1-0 преку Матиас Хоншак во 65. минута. Во 72. минута конечните 2-0 ги постави Нојер Спилштанд.
По овој пораз, петти за нас во овие квалификации наспроти само една победа против Ерменија, Македонија остана на делба на последната позиција во групата заедно со Гибралтар. Австрија од шест меча има 12 бода, еден помалку од второпласираната Русија и шест помалку од водечката Србија, која има шест победи од исто толку натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА