Работнички перфектен: Струмица освоена за 22-0 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Работнички во голем стил ја одигра прволигашката сезона, завршувајќи го регуларниот дел во пресрет на Супер-лигата со перфектен скор од 22 победи и ниту еден пораз. Избраниците на Марин Докузовски денеска за противник ја имаа Струмица, лесно триумфирајќи на ова гостување со 77-103, како лесен тренинг во пресрет на суперлигашките возбудувања што ќе ги очекуваат „центарци“.

Струмичани одлично му парираа на лидерот во првата четвртина (23-25), за Работнички потоа во вториот период целосно да ја преземе контролата. „Црвено-белите“ го добија овој дел со убедливи 13-30, победата беше осигурана, па Марин Докузовски можеше да си дозволи во финишот да им даде шанса и на дел од помладите кошаркари.

Кире Николовски беше главна фигура со 24 поени и 11 скокови, а дабл-дабл оствари и Гинјард со 23 поени и 10 скока.

Во супер-лигата Работнички дополнително ќе биде засилен со Димитар Караџовски, кој го комплетираше својот трансфер од редовите на Куманово. За разлика од „центарци“, тимот на Струмица го очекува тешка битка за опстанок откако овој прволигаш се најде закопан на дното на табелата со скор 2-20.

 

Се вчитува...