Блокотехна повторно врза два порази во низа, откако второпласираниот тим на табелата неочекувано загуби на гостувањето во Кавадарци против Фени индустри со резултат 75-68. Тимот од Гевгелија игра извонредно во нападот во текот на целата сезона, но овојпат не успеа да најде лек за играта во дефанзива на екипата на Малинков, која на крајот заслужено се радуваше на победата.
Фени со овој триумф останува во игра за влез во Супер-лигата, но за тоа да се случи ќе треба да дојде до чудо на последниот меч што ќе се игра в петок, во кој Карпош соколи ќе треба да го совлада Охрид за кавадарчани да останат на шестата позиција на табелата.
Слично како и на последниот пораз од Куманово, кај Блокотехна се покажа кобна слабата одбрана во последната четвртина. Имено, Фени одигра беспрекорно во нападот, постигна 30 поени (30-18), домаќините направија пресврт и со триумф го завршија регуларниот дел од сезоната.
Пајиќ со 18 поени беше најдобар стрелец кај Фени индустри, еден помалку постигна Петровски, додека најефикасни во редовите на Блокотехна беа Главчев и Мијатовиќ со по 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА