Екипата на АВ Охрид оствари огромен успех пласирајќи се на шестото место во регуларниот дел од сезоната, со што охриѓани си обезбедија место во Супер-лигата што ќе стартува викендов. Кошаркарите на Охрид попладнево за противник во Скопје го имаа тимот на Карпош соколи, кого со рутинска игра успеаја да го совладаат со 90-99, прескокнувајќи го Фени индустри на шестата позиција.
Младиот тим на Карпош соколи предводен од Американецот Спенс им создаваше проблеми на гостинските играчи во првата четвртина, но во вториот период охриѓани конечно успеаја да се одлепат и на одмор заминаа со двоцифрена позитива (44-56). „Соколите“ само накратко ја спуштија разликата под десет поени (49-58, 21. минута), по што Охрид рутински ја одржуваше двоцифрената предност до пред самиот крај. Домаќините успеаја да се приближат на 88-94 на помалку од две минути до крајот. Сепак, Зимиќ реализираше кога беше најважно и го реши прашањето на победнико на овој натпревар, што заврши со конечни 90-99.
Токму Зимиќ со 30 поени беше најефикасен кај Охрид, Хенри постигна 21, а Глигоријевиќ 15 поени за победничкиот тим. Најдобри стрелци во редовите на Карпош соколи беа Спенс со 35 и Шопов со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА