Мекиќ: Не заслуживме пораз од МЗТ, победничката форма да ја почнеме со Охрид

Куманово не успеа да оствари изненадување на стартот од Суперлигата на гостувањето против тимот на МЗТ Скопје, мечот во кој кошаркарите на Ацо Петровиќ беа и повеќе од рамноправен противник на актуелнот македонски првак. Иако гостите во поголемиот дел од средбаа го имаа резултатот во своја корист, искуството и подолгата клупа на МЗТ се покажа како клучен фактор за пресвртот при конечни 81-79.

Болниот пораз го почувстува и екс-кошаркарот на „металци“ Адем Мекиќ, кој смета дека неговиот тим не заслужи да си замине од „Јане Сандански“ со празни раце. Медиќ беше еден од најефиксните за Куманово, против некогашните „свои“ реализираше 20 поени и при тоа заврши без промашување од игра, но ниту тоа не беше доволно за да се совлада шесткратниот македонски шампион.

„Голема штета што загубивме натпревар на кој имавме контрола во голем дел од средбата, ќе беше убаво за нас со триумф да ја отвориме Суперлигата, особено што игравме против актуелниот првак. Одигравме максимално, се боревме се до последен момент да оствариме позитивен резулатат, затоа сметам дека не заслуживме да заминеме со празни раце. Улога одигра и факторот среќа, како и искуството и подолгата клупа на МЗТ. Знаевме дека ќе биде тешко, против МЗТ мора да се игра на највисоко ниво до крај, без разлика колкава предност имаш. Голем дел од нас игравме и по речиси 35 минути, особено Стајиќ кој ни беше единствена плејмејкерска опција. И тој одигра одлично, но, уморот си го направи своето“, изјави Мекиќ за ЕКИПА.

Куманово утре (19:00 часот) го пречекува Охрид во мечот од второто коло од Суперлигата, а бекот на трикратниот македонски вицешампион вели дека со овој натпревар неговата екипа мора да го почне победничкиот ритам, особено што ќе имаат голема предност и поддршка играјќи пред своја публика.

„Поразот од МЗТ можеби боли, но, ние веќе се фокусираме на средбата против Охрид. Мораме да ја искористиме предноста што играме на наш терен, и сакаме што побрзо да го фатиме победничкиот ритам. Ако не можевме да го направиме тоа против МЗТ, нека биде против Охрид, за поразот од пред неколку дена да биде брзо заборавен“, додаде Мекиќ.

 

 

Се вчитува...