ЕХФ статистика – Вардар оди против историјата

Паузата во машкиот клупски ракомет поради ЕХФ-неделата е вистински момент за статистичко сумирање на податоците во досегашниот дел од сезоната во Лигата на шампионите. Сензационалните елиминации на Барселона и на Веспрем се само дел од интересните податоци во деталната статистичка анализа објавена на официјалната веб страница на ЕХФ. Таму уште еднаш се потенцира дека ниту еден тим не успеал да ја одбрани титулата освоена ланската сезона, предизвик со кој сега се соочува Вардар, но исто така и се посочува македонскиот првак како единствен што има свои четвртфиналисти и во машка и во женска категорија.

0 – Број на тимови што успеале да ја одбранат титулата во Келн по воведувањето на фајналфор турнирот во 2010 година.

0 – Број на унгарски тимови во четвртфиналето. Последен пат Унгарците биле без четвртфиналист во ЛШ во 2012 година.

1 – Еден фајналфор дебитант ќе се најде на турнирот во Келн (подобриот од четвртфиналната пресметка Нант – Скјерн).

1 – Вардар е единствениот клуб со четвртфиналист и во машка и во женска конкуренција во Лигата на шампионите.

1 – Само еден играч досега го одбранил трофејот во ЛШ, Иван Чупиќ триумфираше со Кјелце во 2016 и лани го постигна голот за победа на Вардар во финалето против ПСЖ.

2 – Бројот на лански учесници на Ф4 што веќе се елиминирани (Барселона, Веспрем).

3 – За првпат во историјата Франција има три екипи во четвртфиналето од ЛШ. И сите три можат да стигнат до Ф4 бидејќи во следната фаза не играат едни против други.

3 – Кјелце досега три пати стигнувал до четвртфиналето од ЛШ и секогаш обезбедувал пласман на Ф4. Полскиот првак сега за ривал ќе го има ПСЖ.

4 – Некар Левен четврти пат по ред е елиминиран во осминафиналето од ЛШ, од Сегед, Загреб, Кил и сега од Кјелце.

4 – Кире Лазаров е еден од четворицата поранешни најдобри стрелци во ЛШ кои се уште се дел од елитното натпреварување, заедно со Уве Генсхајмер, Микел Хансен и Никола Карабатиќ.

5 – Бројот на тренери кои се дел од четвртфиналето, а кои имаат трофеј во ЛШ. На врвот се Талант Душебајев од Кјелце и Алфред Гисласон од Кил со по четири пехари, пред Раул Гонзалес од Вардар, Нока Сердарушиќ од ПСЖ и Патри Канаје од Монпелје.

6 – Пред шест години Данска последен пат имаше четвртфиналист во Лигата на шампионите, тогаш АГ Копенхаген. Сега Данците повторно имаат свој адут во Скјерн.

9 – Барселона пред девет години последен пат беше елиминирана пред четвртфиналето од Лигата на шампионите.

14 – Веќе 14 пати по ред Кил стигнува до четвртфиналето од ЛШ.

10.818 – Бројот на голови постигнат досега сезонава во ЛШ. Екипите се поефикасни во однос на лани, кога до истата фаза беа постигнати 10.583 погодоци.

74.983 – Бројот на навивачи што ги следеле осумте досегашни домашни натпревари на Кил. „Зебрите“ важат за најгледан тим на домашен терен, со просек од 9.372 гледачи по натпревар.

Се вчитува...