Раководството на КК Гостивар и спонзорите на овој македонски прволигаш преку соопштение реагираат на високите казни што беа изречени врз нивниот клуб поради инцидентите и прекинот на дуелот со Блокотехна. Соопштението на гостиварци го пренесуваме во целост:
Почитувани пријатели на кошарката!
Вчера КК Гостивар го доживеа најтешкиот момент од постоењето.
Изречените ,, ЕВРОПСКИ” казни, како да не беа насочени кон македонски клуб, туку како да се работеше за некој пребогат европски шампион. Што се замислувате вие во федерацијата, безгрешници или некакви Божества? Што сакате да постигнете? Да ја доуништите ионака уништената кошарка во Македонија.
Зошто се служите со двојни аршини и пресудувате како ќе ви се сака и кому сака? Ние спонзорите на КК Гостивар нема да дозволиме било кој да се поигрува со нас и нашите тешко заработени пари. Ние доброволно се собравме, без притоа да имаме било каков бенефит, да му дадеме на градот и на младите, убави спортски моменти. Ние губиме драгоцено време, дури често пати ги оставаме настрана обврските во нашите компании, се со цел само да помогнеме, а не некој да се изживува со сите нас. Ние сме сериозни луѓе, а не хулигани, за кои некој сака да не престави. Ако до сега сме организирале голем број натпревари, во полна сала и притоа не е направен ниту еден инцидент, не зборува ли тоа дека сме биле одлични организатори, а нашата публика безпрекорна.
Погледнете ги снимките од натпреваrтите во Гостивар кои се достапни на нашиот FB и уверете се сами за каква коректна публика се работи. Судиите наместо да ја смират состојбата, тие уште повеќе ја разгневија . Но и покрај тоа никој од публиката не влезе на терен да се пресметува со никого, а најмалку со гостинските играчи. Се прашуваме, ако натпреварите се снимаат, зошто тогаш судиите не настапат во амортизирање на состојбата, а не во наелектризирање? Затоа постојат снимените материјали, да ја покажат правата состојба и ако некој погреши да си ја сноси одговорноста. Зошто во нашава држава секогаш судиите мора да бидат во право? Зошто никој не расправа за нивната одговорност?
Во соопштението за казните беше наведено, дека приговорот за судењето не се разгледал бидејки не сме платиле такса. Е, ако не сме платиле, нека не им се суди. Нека ги осиромашуваат и понатака клубовите, онака како што ке посакаат и нека ја полнат нивната каса.
Тие судии кои се платени од нашите џебови , само во еден противнички напад направија 4 грешки. Заради тие нивни грешки се створи револт и притоа покажаа 3 технички со кои директно учествуваа во креирање на резултатот. И помогнаа на екипата која хаотично почна да паѓа во натпреварот. Во салата имаше прекрасна атмосфера, како да се работи за лига на шампиони. Судиите со нивните одлуки ја погребаа и последната полна сала во Македонија. Впрочем, се навикнаа да судат во празни сали, во мртва тишина.
Што сакаа да кажат со огромните казни? Демек ние сме невоспитани, па казните ќе делуваат воспитно. Ова ни личи на поговорката, кадија те тужи, кадија те суди.
Со почит, спонзори на КК Гостивар
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА