Раководството на МЗТ Скопје преку соопштение до јавноста ја искажа својата разочараност од одлуката на Блокотехна да не обезбеди 25 билети за раководството на „металците“. Само за потсетување, на претходниот меч во Гевгелија меѓу овие два тима имаше инцидент по кој директорот на „металците“, Тони Грнчаров, беше протеран од салата по конфликтот со судиите и со дел од обезбедувањето.
Соопштението на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:
Тешко дека постојат зборови со кои адекватно би ја опишале нашата разочараност од вчерашната одлука на раководството на Блокотехна, екипа на која денеска ќе ѝ гостуваме во меч од 3. коло од Суперлигата, да ѝ забрани на управата на МЗТ Скопје да присуствува на овој натпревар.
На нашето барање за 25 билети за раководството на клубот, нешто што е предвидено со член 31.1 од Пропозициите за натпреварување, но што е и децениска традиција во македонската кошарка, добивме негативен одговор со штуро објаснување. Челниците на Блокотехна не сакаат да нѐ нагостат од – безбедносни причини. И за тоа, според актите, може да бидат казнети со „дури“ 2.000 денари.
Искрено, не паметиме ваков срамен однос кон нашиот клуб, дури и од времињата во кои сме имале пожешки ривалски односи со екипи со далеку поголема традиција од Блокотехна. Свесни сме дека овој тим е дебитант во елитата и дека сѐ уште има многу да учи како треба да се однесува кога е во друштво со големите клубови, но ниту во сон не очекувавме ваков низок удар од тим кој до вчера играше во Втората лига. Па, зарем во Македонија кошарката е приватна забава само за привилигирани семејства?
Симптоматично е што како причина за ваквата навреда кон нас е наведена безбедноста и тоа во период во кој раководството на Блокотехна се обидува на сите страни да објасни дека нивниот „хангар“ во Негорски бањи ги исполнува условите за играње суперлигашка кошарка. Ако е сѐ така идеално во „фабричкиот комплекс“ во близина на Гевгелија, тогаш не ни е јасно како луѓето од овој клуб не се способни да обезбедат дваесетина членови на управа на противнички тим. Или, пак, тоа е само параван за нешто друго, што само можеме да претпоставиме дека е суета, ситничарство или некаков реваншизам.
Виновник за овој срамен однос е и раководството на МКФ, кое предвидело смешна казна за прекршок од ваков тип, најверојатно не сметајќи дека некој воопшто и би можел да биде казнет по овој член. Затоа, федерацијата мора да ја промени казната за ваков прекршок во најригорозна, а истовремено да ги едуцира клубовите, барем тие на кои такво нешто им е потребно, дека спортското ривалство е едно, а џентлменскиот однос помеѓу клубовите, дури и во најжешките пресметки на теренот, е сосема нешто друго.
А, сѐдодека не се случи тоа, ќе бидеме сведоци на вакви срамни ситуации и на елитна кошарка во „хангари“ во кои не можат да се најдат ниту стотина гледачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА